Научниците во Чиле ги објавија првите фотографии направени со телескопот „Вера Ц. Рубин“, опремен со најмоќната дигитална камера на светот.

Снимките откриваат фасцинантни и шарени гасни формации и облаци прашина, оддалечени околу 9.000 светлосни години од Земјата – вистинска уметност на создавањето на ѕвезди.

Телескопот, кој веќе се нарекува револуционерен, се очекува да промени сè што досега знаевме за универзумот. Камерата ќе го скенира јужното небо во наредните 10 години, без пауза, во потрага по нови објекти и појави во длабоката вселена.
Научниците веруваат дека доколку навистина постои мистериозната деветта планета во Сончевиот систем, токму „Вера Рубин“ ќе ја најде – и тоа во првата година од своето работење.
Но тоа не е сè – телескопот ќе мапира сѐ, од астероиди во близина на Земјата до самата структура на Млечниот пат. Ќе се бараат одговори за темната материја – најголемата, но најнепозната компонента на вселената.

Велика Британија учествува со центри за обработка на масивните податоци што ќе пристигнуваат од Чиле. Секое движење на небото, секоја појава, ќе биде документирано со невидена прецизност.
Телескопот „Вера Ц. Рубин“ може драстично да го зголеми бројот на познати небесни тела и да го отвори следното поглавје во разбирањето на космосот.
