Светските океани се соочуваат со значително ширење на пловечките алги, покажува голема анализа на сателитски податоци собрани во период од две децении.
Истражувачи од Универзитетот на Јужна Флорида и американската агенција NOAA анализирале околу 1,2 милиони сателитски снимки направени од 2003 до 2022 година, опфаќајќи 13 различни географски зони.
Резултатите покажале дека површинските микроалги на глобално ниво се зголемуваат за околу еден процент годишно, а нивната вкупна распространетост достигнала 43,8 милиони квадратни километри.
Уште поголеми промени се забележани кај макроалгите. Во тропскиот Атлантик и западниот Пацифик нивното ширење достигнува дури 13,4 проценти годишно.
Научниците сметаат дека станува збор за значителна промена во океанските екосистеми, при што условите во морето сè повеќе го поттикнуваат развојот на пловечки макроалги.
Во умерени количини тие имаат важна еколошка улога и обезбедуваат живеалишта за риби и други морски организми. Проблемот започнува кога огромни количества ќе стигнат до крајбрежјето.
Таму алгите се натрупуваат и гнијат, создаваат непријатна миризба и можат да го намалат количеството кислород во плитките води. Последиците можат да ги почувствуваат локалните екосистеми, рибарството, но и туристичките места.
Како можни причини научниците наведуваат комбинација од затоплувањето на морската вода, промените на океанските струи и зголемениот прилив на хранливи материи и ѓубрива преку реките.
Истражувачите најавуваат дека ќе продолжат да ги следат океаните со нови сателитски податоци за подобро да утврдат како ќе се развива овој глобален тренд.







