ПРВ.мк
Наука/Технологија

Дури 96% од Месечината ќе биде во сенка: Следува спектакл на небото

Дури 96% од Месечината ќе биде во сенка: Следува спектакл на небото

Речиси целосно затемнување на Месечината наскоро ќе приреди впечатлив небесен спектакл, а феноменот ќе може да се набљудува од огромен дел од светот.

Според најавите, дури 96 проценти од површината на Месечината ќе навлезат во сенката на Земјата, поради што станува збор за исклучително длабоко делумно затемнување – многу блиску до целосно.

Феноменот настанува кога Земјата ќе се најде меѓу Сонцето и Месечината и нејзината сенка ќе падне врз нашиот природен сателит. За време на затемнувањето, Месечината може да добие црвеникаво-портокалова нијанса, но бидејќи нема целосно да навлезе во сенката, нема да станува збор за вистинска „крвава Месечина“.

Делумната фаза ќе трае повеќе од три часа, додека целиот процес – од првото навлегување на Месечината во надворешниот дел од Земјината сенка до нејзиното целосно излегување – ќе трае околу пет и пол часа.

Најдобри услови за набљудување ќе имаат жителите на Северна, Централна и Јужна Америка, каде што околу една милијарда луѓе ќе можат да го проследат целиот феномен.

Затемнувањето ќе биде видливо и од Европа, Африка и Блискиот Исток, но од овие региони Месечината ќе заоѓа пред завршувањето на целиот небесен настан.

Се проценува дека повеќе од три милијарди луѓе, или околу 44 проценти од светската популација, ќе имаат можност да видат барем дел од затемнувањето, доколку временските услови го дозволат тоа.

Ова ќе биде второ лунарно затемнување годинава. Следното целосно затемнување на Месечината, според најавите, ќе се случи на Нова година во 2028 година.