Пациент почина пред Клиниката за онкологија во рацете на својот син, откако неколку часа чекал во чекалницата, соопштија сведоци. Според нивните тврдења, медицинската документација на пациентот била изгубена додека чекал, а пронајдена била веднаш по неговата смрт.
Директорот на Клиниката за онкологија, Игор Стојковски, за „Слободен печат“ потврди дека пациентот починал и појасни дека се работи за 56-годишен маж со напреднат карцином на мочниот меур во четврта фаза. Тој истакна дека пациентот се лекувал повеќе од една година и бил во многу тешка здравствена состојба.
Стојковски додаде дека нема информации медицинската историја на пациентот навистина да била изгубена, и дека целата документација е предадена на семејството. Сепак, сведоците наведуваат дека документацијата била пронајдена само по смртта на пациентот, што дополнително ја зголеми загриженоста околу процедурите и организацијата на Клиниката за онкологија.