Големиот пожар што избувна во магацините за пластичен и електронски отпад во скопското село Трубарево е ставен под контрола, информираше командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски. Тој раскажа дека огнената стихија била гасната со сите расположливи ресурси – а на помош пристигнале и камиони со хемиска пена и песок.
„Вакви пожари се тешки за гаснење, но успеавме да го ставиме под контрола, што беше изненадување и за мене,“ изјави Томевски.
Пожарот избувнал во магацин полн со горлив отпад, што предизвикало огромен црн чад кој се видел од далечина. За само еден час претходно, скопските пожарникари имале уште една интервенција во населбата Лисиче, но брзо се пренасочиле кон Трубарево.
„Побаравме поддршка од Главниот штаб, а значајна помош добивме и од Окта со хемиска пена, како и од Макпетрол. Нашите резерви беа потрошени во првичниот удар. Активирани беа и капацитетите на Комунална хигиена, која испрати механизација и камиони со песок,“ додава командантот.
Според него, мирисот од чадот е намален, и постојат надежи дека до крајот на денот ќе престане и исчадувањето. Се вршат и дополнителни проверки на терен за да се утврди дали има остатоци од горење. Томевски ја оцени интервенцијата како успешна и додаде дека со брзата реакција е избегната поголема еколошка и материјална катастрофа.