Само пет дена пред да ја изврши двојната трагедија во Велес, Илија Стефановски добил судска одлука со која му била продолжена мерката забрана за приближување и контакт со неговата поранешна девојка Росица Коцева. Основниот суд во Велес на 10 септември го огласил за виновен за закани и насилство и му изрекол условна казна затвор од една година и четири месеци. Судот, истовремено, ја задржал мерката забрана за приближување до Росица и нејзиниот татко Киро, но ги укинал другите мерки на претпазливост, како задолжителното јавување во полиција и ограничувањето на движењето.
Вчера околу 15:30 часот, Стефановски дошол во куќата на Коцеви во Велес. Таму го затекнал само таткото Киро, кого со нож го избодел до смрт. Кога Росица не можела да го добие својот татко на телефон, таа заедно со својот партнер дошла во домот. Веднаш штом влегле внатре, Стефановски ја нападнал Росица и со повеќе убоди ѝ нанел смртоносни повреди. Таа починала на самото место. По злосторството, Стефановски влегол во една од просториите во куќата и со ножот си го одзел животот.
Овој трагичен случај го потресе Велес и повторно го отвори прашањето за ефективноста на мерките за заштита на жртвите на семејно и партнерско насилство. Јавноста се прашува дали досегашните законски механизми и постапки се доволни за да се спречат вакви трагедии и дали потребни се дополнителни мерки за навремена заштита на потенцијални жртви.