Основното јавно обвинителство Велес потврди дека против Илија Стефановски, кој е осомничен за бруталното убиство на Росица Коцева (31) и нејзиниот татко Киро Коцев (68), уште од почетокот на годината се воделе неколку постапки за закани, насилство и непочитување на судски одлуки.
Обвинителството уште на 10 април поднело обвинителен предлог за загрозување на сигурноста и насилство врз партнерот на Росица. Во рамките на постапката било спроведено и психијатриско вештачење, кое утврдило дека Стефановски е пресметлив и свесен за своите постапки.
На 10 септември Основниот суд Велес изрекол условна казна и ги укинал повеќето мерки на претпазливост, освен забраната за приближување до Росица и нејзиниот партнер. Но, само неколку дена подоцна, таа повторно го пријавила бидејќи испраќал пораки, се приближил до нејзиниот дом и дури го запалил автомобилот на нејзиниот татко.
Претходно, Росица пријавувала повеќе напади и закани – меѓу нив и инцидент во Скопје, кога Стефановски се обидел насилно да ја задржи во стан и ѝ нанел телесна повреда.
И покрај сите пријави и истраги, институциите не успеале да спречат трагедија – на крај, на 14 септември 2025 година, Росица и нејзиниот татко Киро беа убиени во нивниот дом во Велес.