ПРВ.мк
Свет

Шокантно откритие на ОН: Израел врши геноцид во Газа – Нетанјаху директно обвинет

Шокантно откритие на ОН: Израел врши геноцид во Газа – Нетанјаху директно обвинет

Истражна комисија на Обединетите нации објави дека израелските сили извршиле геноцид врз палестинското население во Газа, при што меѓу одговорните, според документот, се и највисоките државни лидери, вклучувајќи го премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Во извештајот од 72 страници се наведува дека Израел ги исполнува четири од петте дејствија дефинирани како геноцид според Конвенцијата на ОН од 1948 година: масовни убиства, нанесување сериозни физички и психички повреди, создавање услови за уништување на населението и мерки за спречување на раѓања.

„Геноцид се случува во Газа. Одговорноста лежи врз највисокото раководство на Израел, кое скоро две години води кампања со цел уништување на палестинскиот народ“, изјави Нави Пилај, поранешен судија на Меѓународниот кривичен суд и шеф на комисијата.

Документот содржи докази за убиства, блокади на хуманитарна помош, присилни раселувања и уништување на здравствени установи, вклучително и клиника за плодност. Израел одбил да соработува со комисијата, обвинувајќи ја за пристрасност, и сè уште се брани пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг од тужбата за геноцид.

Во извештајот се цитираат изјави на Нетанјаху, претседателот Исак Херцог и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, кои, според комисијата, претставуваат директен доказ за геноцидна намера. Како пример се наведува писмото на Нетанјаху до војниците од ноември 2023 година, во кое операцијата ја споредува со „света војна за целосно уништување“ од Библијата.

ОН како организација сè уште официјално не го употребила терминот „геноцид“, но извештајот зголемува притисок врз меѓународната заедница да го стори тоа. Според здравствените власти во Газа, во војната досега загинале над 64.000 луѓе, додека милиони се соочуваат со глад и недостиг од основни услови за живот.

Пилај изрази надеж дека новиот извештај ќе ги охрабри земјите-членки да заземат поостар став и да ја признаат сериозноста на злосторствата во Газа.

Escape