Илија Стефановски (39) од Скопје е осомничениот кој вчера попладне ги усмрти Росица К. (31) и нејзиниот татко Кире К. (74) во Велес, а потоа изврши самоубиство. Според информациите, тој со остар предмет прво ја нападнал својата поранешна партнерка на улицата „Кочо Рацин“, а потоа во семејниот дом го нападнал и нејзиниот татко. По двојното убиство, и самиот си нанел смртоносни повреди и починал во велешката болница.
МВР соопшти дека сите три лица биле пронајдени со повреди од остар предмет – Росица на улица, нејзиниот татко во семејниот дом, а Стефановски исто така со сериозни повреди.
Од Основното јавно обвинителство Велес потврдија дека уште од почетокот на оваа година против Стефановски биле водени неколку постапки за закани и насилство. Во април 2025 година бил поднесен обвинителен предлог за загрозување на сигурноста и за насилство, при што бил наредено и психијатриско вештачење. Вештакот тогаш утврдил дека Стефановски не боледува од душевна болест, бил целосно свесен за своите постапки и бил пресметлив во моментот на делата.
И покрај тоа, Основниот суд во Велес во септември му изрече условна осуда, а со тоа беа укинати дел од мерките на претпазливост. Единствено остана на сила забраната за приближување кон оштетената и нејзиниот партнер. Но, само неколку месеци подоцна, Росица повторно го пријавила во Обвинителството дека не ги почитувал мерките и продолжил со закани, пораки и дури со палење на автомобилот на нејзиниот татко.
Освен во Велес, случајот бил пријавен и во Скопје за друг инцидент во декември 2024 година, кога Стефановски наводно ја задржал и физички ја нападнал Росица.
Иако институциите биле запознаени со серијата напади и закани, трагедијата во Велес покажува дека мерките не успеале да ја спречат најлошата разврска.