Шест месеци по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 лица, меѓу нив и членови на музичката група „ДНК“, преживеаниот гитарист Горан Тонев се огласи со емотивна објава на социјалните мрежи.
Во својата порака, Тонев се присети на настанот кој, како што вели, засекогаш им ги променил животите:
„Поминаа шест месеци од ноќта која што на сите ни ги промени животите. Уживавме да ја делиме сцената, насмеани и ведри како и секој наш настап, но таа вечер имаше посебна енергија како да чувствувавме дека е за последен пат. Не требаше да биде вака, колеги мои. Засекогаш ќе ве носам во моето срце. Почивајте во мир.“
Тонев, заедно со раперот Панчо и вокалистката Ана Костадиновска, се единствените членови на бендот кои ја преживеаја трагедијата. Тој веќе претходно изрази благодарност до лекарските тимови кои се грижеа за него во болниците во Кочани, Скопје и Солун:
„Му благодарам на Бога што ми даде втора шанса. Благодарен сум на целиот персонал од болницата ‘Папаниколау’ во Солун за неизмерната грижа, како и на тимовите во Кочани и Скопје. Посебна благодарност до сите роднини и пријатели кои се молеа за мене. Моите чувства се измешани – среќен што сум жив, но и тажен за сите загубени животи, особено за моите колеги и другари. Сочувство до сите семејства.“
Неговата порака доаѓа во деновите кога семејствата и јавноста ја одбележуваат шестмесечнината од трагедијата, со повици за правда и одговорност.