ПРВ.мк
Македонија

Пожарот на Пелистер не стивнува: Повреден возач на булдожер, огнот повторно се активира

Пожарот на Пелистер не стивнува: Повреден возач на булдожер, огнот повторно се активира

Борбата со пожарот што избувна од преспанската страна на Пелистер продолжува, а според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, станува збор за најтешкиот и најкомплексниот пожар за гаснење во земјава во моментов.

Огнот се движи во правец кон Националниот парк „Пелистер“, а на терен се ангажирани голем број сили и механизација. Во гаснењето учествуваат пожарникари од Битола и Ресен, тимови на ДЗС, доброволни пожарникари, ер-трактори, механизација и армиски хеликоптер.

Во утринските часови хеликоптерот со прецизно фрлање вода успеал да изгасне неколку критични точки. Сепак, со зголемувањето на температурите дел од жариштата повторно се активирале, а чад бил забележан на повеќе позиции.

Со булдожери е направена и противпожарна пресека над боровата шума, со цел да се постави дополнителна пречка и да се спречи понатамошното ширење на огнената линија.

Повреден возач на булдожер

Во текот на интервенцијата бил повреден и еден од луѓето ангажирани на терен. Ангелов појасни дека не станува збор за пожарникар, туку за возач на булдожер.

Според неговите информации, возачот ги повредил ребрата при скок од машината. Тој бил пренесен и згрижен во болница, а неговата состојба е добра. Првичните информации укажуваат на напукнати, а не на скршени ребра.

Ангелов воедно ги демантираше информациите дека во интервенцијата има повредени пожарникари.

Екипите остануваат на терен и продолжуваат со гаснењето и спречувањето на пожарот да навлезе подлабоко кон Националниот парк „Пелистер“.