Израелската служба за внатрешна безбедност Шин Бет потврди дека постоела сериозна закана по безбедноста на Џаир Нетанјаху, синот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, поради што била донесена одлука тој итно да биде вратен од САД во Израел.
Претставник на службата за израелскиот Канал 12 изјавил дека по безбедносна проценка било одлучено Џаир да биде евакуиран заедно со тимот задолжен за неговото обезбедување.
Шин Бет не соопшти детали за природата на заканата, ниту официјално посочи кој стоел зад неа.
Потврдата доаѓа по претходни медиумски извештаи според кои Џаир Нетанјаху наводно бил цел на ирански заговор за атентат додека престојувал на Флорида.
Според тие извештаи, израелските разузнавачки служби наводно добиле информации дека ирански оперативци се наоѓале во областа на Мајами и ги следеле неговите движења. Овие конкретни тврдења, сепак, не се дел од официјалната потврда на Шин Бет.
Нетанјаху претходно зборуваше за обид за напад врз негов син
Израелскиот премиер претходно тврдеше дека Иран се обидел да убие еден од неговите синови, без притоа да открие за кого станува збор.
„Иран целеше на еден од моите синови. Иран се обиде да убие, да ликвидира еден од моите синови“, изјави Нетанјаху во интервју за Канал 14.
Подоцнежните медиумски извештаи ја поврзаа неговата изјава со Џаир.
Она што сега официјално го потврдува Шин Бет е дека заканата кон Џаир била проценета како доволно сериозна за да биде потребно негово итно враќање во Израел. Службата, сепак, не потврди дека зад заканата стоел Иран, ниту откри детали за евентуалниот план за напад.






