ПРВ.мк
Свет

„Го молевме капетанот да се врати, но продолжи“: Преживеани откриваат детали за трагедијата кај Кипар

„Го молевме капетанот да се врати, но продолжи“: Преживеани откриваат детали за трагедијата кај Кипар

Најмалку седум лица загинале, а 23 се водат како исчезнати по превртувањето на патнички траект кај северниот дел на Кипар, додека преживеаните почнуваат да ги откриваат драматичните моменти пред несреќата.

Траектот, во сопственост на приватна компанија, испловил од Киренија околу 12:30 часот и се упатил кон турското пристаниште Ташуџу. Набргу по испловувањето, од засега неутврдени причини, пловилото почнало да прима вода.

Според информациите што ги пренесуваат турските медиуми, проблемите започнале на околу четири наутички милји од брегот. Откако ситуацијата станала критична, бил испратен повик за помош и започнала голема спасувачка операција.

Претставници на властите во непризнатиот Северен Кипар претходно соопштија дека 172 лица биле спасени од бродот, на кој според нивните податоци имало 267 луѓе. Потрагата по исчезнатите продолжува.

„Го предупредивме капетанот“

Двајца преживеани, според турските медиуми, тврдат дека уште пред превртувањето забележале дека нешто не е во ред и побарале од капетанот да се врати назад.

Според нивното сведоштво, пловилото сепак продолжило да се движи, а набргу потоа предниот дел на траектот наводно „пукнал“ и бродот се превртел.

Ова засега е сведоштво на преживеаните и не претставува официјално утврдена причина за несреќата.

Се истражува што предизвикало продор на вода

Причината за трагедијата сè уште не е утврдена. Меѓу можните сценарија што се разгледуваат се оштетување на трупот и влијанието на лошите временски и морски услови.

Претставници на локалните власти наведуваат дека испловувањето на траектот претходно било одложено поради временските услови. Според една од верзиите, силни бранови можеле да придонесат за навлегување вода во пловилото.

Океанографот Сајмон Боксал, пак, оценил дека условите на морето сами по себе можеби не биле доволно екстремни за да предизвикаат ваква несреќа. Како друга можност го посочил ударот во предмет во морето што можел да го оштети трупот.

Точниот причинител ќе треба да го утврди истрагата. Спасувачките екипи во меѓувреме продолжуваат да трагаат по исчезнатите лица.