Учениците во Албанија од новата учебна 2026/2027 година ќе се соочат со построги правила во основните и средните училишта. Меѓу најзначајните промени се забраната за користење мобилни телефони и ограничувањето на внесувањето нездрава храна, вклучително чипсови и други грицки.
Новата учебна година започнува на 14 септември, а учениците уште од првиот ден ќе бидат запознаени со правилата што ќе важат во училиштата.
Покрај забраната за телефони и нездрава храна, внимание ќе се посвети и на безбедносните правила, кодексот на облекување, меѓусебното почитување и однесувањето во училишната заедница.
Во спроведувањето на мерките ќе учествуваат наставниците, психосоцијалните служби, обезбедувањето и останатиот училиштен персонал.
Училиштата ќе се оценуваат и според ризикот
Дополнителна новина е системот за проценка и управување со безбедносните ризици. Локалните образовни канцеларии ќе назначуваат координатори, а училиштата ќе бидат категоризирани според утврдениот степен на ризик.
Проценката ќе се врши преку анкети, прибирање докази и физички проверки на објектите. Директорите ќе имаат обврска да преземаат мерки за отстранување или намалување на утврдените ризици и да соработуваат со општините, полицијата и здравствените служби.
Во дел од училиштата веќе се поставени и безбедносни камери.
Еден од главните приоритети за новата учебна година ќе биде и превенцијата од насилство и малтретирање, како и спречувањето на насилниот екстремизам. За таа цел се предвидува поголема соработка меѓу училиштата, родителите и локалната заедница.








