ПРВ.мк
Балкан

Ова била една од последните пораки на Ратко Младиќ: Ја напишал рачно за човек кој го посетил во Хаг

Ова била една од последните пораки на Ратко Младиќ: Ја напишал рачно за човек кој го посетил во Хаг

По смртта на Ратко Младиќ во Хаг, докторот Огњен Гудељ, кој со години се грижел за неговата здравствена состојба, објави рачно напишана порака што Младиќ му ја посветил во знак на благодарност.

Гудељ ја објавил пораката на својот профил на Инстаграм, наведувајќи дека станува збор за зборови што Младиќ лично му ги напишал по една од неговите посети во Хаг.

Во пораката Младиќ му се заблагодарува на докторот за посетата и поддршката што му ја давал во борбата со здравствените проблеми.

„На пријателот, доктор Гудељ, кој ме посети во хашкиот казамат и ми даде сила да истраам во борбата за здравје и светла слобода“, стои во рачно напишаната порака што ја објави лекарот.

Гудељ претходно зборуваше дека осум години бил вклучен во следењето и грижата за здравјето на Младиќ.

Од воена кариера до доживотна казна во Хаг

Ратко Младиќ е роден во март 1943 година во Босна и Херцеговина. Воената кариера ја започнал во ЈНА, а значаен дел од неа поминал и во Македонија – службувал во Скопје и Штип.

Со почетокот на војните при распадот на Југославија станал една од клучните воени фигури, а во мај 1992 година бил поставен за командант на Главниот штаб на Војската на Република Српска.

На оваа функција останал до 1996 година.

По долгогодишно криење, Младиќ беше уапсен во мај 2011 година во Лазарево кај Зрењанин и потоа предаден на Хашкиот трибунал.

Во 2017 година беше осуден на доживотен затвор, а пресудата беше правосилно потврдена во 2021 година. Тој беше прогласен за виновен за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.

Младиќ почина на 27 август 2026 година, на 84-годишна возраст, по сериозно влошување на неговата здравствена состојба.