Тешко семејно злосторство се случило во Велико Градиште во Србија, каде припадник на граничната полиција, според првичните информации објавени од српските медиуми, ги убил својот зет и 19-годишната внука, а потоа си го одзел животот.
Во пукањето биле повредени уште две жени – сестрата на осомничениот напаѓач и мајката на неговиот зет. Двете биле пренесени во болница, а првичните информации укажуваат дека се здобиле со тешки повреди.
Според досега објавените информации, на трагедијата ѝ претходела семејна расправија, наводно поврзана со имотни прашања. Пукањето се случило во семејна куќа во слепа улица во Велико Градиште.
Случајот бил откриен откако млада жена која минувала со велосипед во близина забележала жена како неподвижно лежи пред куќата. Веднаш биле повикани надлежните служби.
По пристигнувањето на местото, полицијата пронашла три безживотни тела и две повредени жени.
На терен излегле полициски и екипи на Итната медицинска помош, а во увидот биле вклучени и двајца обвинители од Вишото јавно обвинителство во Пожаревац.
Надлежните органи ги утврдуваат сите околности и точниот мотив за семејната трагедија.










