ПРВ.мк
Свет

Неверојатни снимки од Чиле: Снег ја прекри една од најсушните пустини во светот (ФОТО)

Неверојатни снимки од Чиле: Снег ја прекри една од најсушните пустини во светот (ФОТО)

Необична временска појава создаде спектакуларна глетка во северниот дел на Чиле, каде делови од пустината Атакама беа прекриени со снег.

Сателитските снимки објавени од НАСА покажуваат снежна покривка на голема површина од пустинскиот регион, како и на висорамнината Чахнантор.

Токму таму, на надморска височина од околу 5.000 метри, се наоѓа и големиот радио-телескопски комплекс АЛМА. Поради обилниот снег и силниот ветер, неговото функционирање било привремено прекинато.

Иако снегот не е целосно непозната појава во повисоките делови на Атакама, овојпат вниманието го привлече големата површина која се најде под снежна покривка.

Според објаснувањето на НАСА, врнежите биле предизвикани од изолиран систем на низок воздушен притисок кој донел студен воздух и се сретнал со влажна воздушна маса над северниот дел на Чиле. Комбинацијата создала услови за пообилни снежни врнежи.

Атакама важи за едно од најсушните места на Земјата, а во одредени нејзини делови врнежите се исклучително ретки. Токму поради тоа, контрастот меѓу вообичаениот пустински пејзаж и белата снежна покривка создаде несекојдневни сцени.