Едно лице загина, а уште петмина се повредени, од кои некои потешко, во пукање што се случи рано утринава на техно фестивал во Арау, во северниот дел на Швајцарија.

Инцидентот се случил во областа Шахен, на хиподромот каде што се одржувал традиционалниот „Aarauer Rave“. На настанот присуствувале околу 3.500 луѓе.

Според досегашните информации, истрелите одекнале околу 2:30 часот, непосредно пред 3 часот наутро. Портпаролката на кантоналната полиција во Аргау изјавила дека биле испукани повеќе куршуми во голема група луѓе.

По пукањето започнала голема полициска операција, а вооружени полицајци биле распоредени и на патиштата на десетици километри од местото на инцидентот. Во операцијата бил вклучен и воен хеликоптер.
Полицијата соопшти дека потрагата по сторителите е во тек и дека нивниот идентитет засега не е познат.

Не е утврден ниту мотивот за нападот, а истражителите сè уште ги утврдуваат точните околности под кои дошло до пукањето.
Според сведоштва пренесени од швајцарските медиуми, дел од посетителите првично помислиле дека станува збор за огномет. Откако сфатиле дека се слушаат истрели, започнало панично засолнување, а дел од присутните побарале засолниште во блиската спортска сала.

Полицијата побара од граѓаните да го избегнуваат поширокиот реон додека траат потрагата и истрагата.






