Брзата реакција на возачот на двокатниот автобус на ЈСП „Скопје“, кој се запали на Водно, помогнала огнот да не се прошири кон густата околна вегетација.
Според информациите, откако забележал дека автобусот е зафатен од пожар, возачот не го оставил возилото во близина на шумата, туку го придвижил до побезбедна локација, подалеку од вегетацијата.
Со овој потег бил намален ризикот пламенот да се прошири кон шумата и пожарот да добие многу поголеми размери.
За среќа, во моментот кога избувнал пожарот во автобусот немало патници, а возачот поминал без повреди.
На местото веднаш интервенирале екипи на Противпожарната бригада на Скопје, кои успеале целосно да го изгаснат автобусот и да спречат понатамошно ширење на огнот.
Станува збор за двокатен автобус кој сообраќал на линијата 25 до Средно Водно.
Причината за избувнувањето на пожарот засега не е позната и треба дополнително да биде утврдена.








