Силно невреме проследено со дожд и силен ветер синоќа нешто по 20 часот го погоди Кочани и околината, оставајќи зад себе паднати дрвја, поплавени улици и сериозни проблеми во сообраќајот.
Како последица од невремето, градот останал без електрична енергија, додека повеќе патни правци биле блокирани поради паднати стебла, гранки и наноси на коловозите.
Проблеми имало и на магистралниот пат Кочани–Штип, каде сообраќајот бил во прекин поради наноси и паднати дрвја.
Блокиран бил и излезот од Кочани кон Виница. Непосредно по СОУ „Гошо Викентиев“, паднато стебло и гранки го оневозможиле нормалното одвивање на сообраќајот.
Особено критична била состојбата на булеварот „Тодосија Пунов“, каде големото количество дождовница ја направило сообраќајницата непроодна. Неколку возила останале заглавени во водата.
Прекин имало и на магистралниот пат Кочани–Делчево, на потегот од крстосницата кај Горни Подлог до Градовската крстосница.
На повеќе места низ Кочани можеле да се забележат искршени стебла и гранки, што дополнително го отежнувало движењето низ градот.
Екипите на Територијалната противпожарна единица и полицијата излегле на терен и преземале активности за расчистување и нормализирање на состојбата по силното невреме.









