По локалното невреме што синоќа зафати делови од Македонија, најголемо количество дожд е измерено во Крива Паланка, каде наврнале 30 литри на квадратен метар, соопшти УХМР.
Според измерените податоци, во Струмица наврнале 18 литри на квадратен метар, во Виница 13, во Берово осум, во Тополчани шест, во Битола три, а во Радовиш и Крушево по еден литар на квадратен метар.
Од УХМР нагласуваат дека поради локалниот карактер на невремето, количината на врнежи може значително да се разликува од едно до друго место. Тоа значи дека на одредени локации е можно да наврнало и значително повеќе од регистрираното на метеоролошките станици.
И денеска можни пороен дожд и грмежи
До крајот на денот времето ќе биде сончево и топло, со мала до умерена локална облачност.
Сепак, на одредени места попладне се очекуваат услови за локална нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, а максималните дневни температури ќе се движат од 29 до 36 степени.
Во Скопје ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер, додека максималната температура ќе достигне до 36 степени.









