Силно невреме проследено со пороен дожд и силен ветер синоќа нешто по 20 часот го зафати Кочани и околината, предизвикувајќи сериозни проблеми во сообраќајот и движењето низ градот.
Како последица од невремето, Кочани остана без електрична енергија, додека на повеќе локации беа забележани паднати дрвја, искршени гранки и други наноси.
Проблеми имаше и на магистралниот пат Кочани–Штип, каде сообраќајот беше во прекин поради паднати дрвја и наноси на коловозот.
Блокиран беше и излезот од Кочани кон Виница. Непосредно по СОУ „Гошо Викентиев“, паднато стебло и гранки го оневозможија нормалното одвивање на сообраќајот.
Особено критична беше состојбата на булеварот „Тодосија Пунов“, каде поради големото количество дождовница сообраќајницата стана непроодна. Неколку возила останаа заглавени во водата.
Во прекин беше и сообраќајот на магистралниот пат Кочани–Делчево, на делницата од крстосницата кај Горни Подлог до Градовската крстосница.
Екипи на Територијалната противпожарна единица и полицијата излегоа на терен и работеа на расчистување на последиците и обезбедување на критичните локации.
Искршени стебла и гранки имаше низ повеќе делови од Кочани, што дополнително го отежна движењето низ градот по силното невреме.










