ПРВ.мк
Балкан

Од Скопје и Штип до командант на ВРС и доживотен затвор: Воениот пат на Ратко Младиќ

Од Скопје и Штип до командант на ВРС и доживотен затвор: Воениот пат на Ратко Младиќ

Ратко Младиќ, поранешниот командант на Главниот штаб на Војската на Република Српска, кој почина на 84-годишна возраст, зад себе остави воена кариера долга неколку децении. Помалку познат дел од неговата биографија е дека значаен дел од офицерскиот пат го поминал токму во Македонија.

Младиќ е роден во март 1943 година во селото Божановиќи, во близина на Калиновик во Босна и Херцеговина. По завршувањето на Воената академија на Копнената војска, на 27 септември 1965 година станал дел од постојаниот состав на Југословенската народна армија.

Кариерата ја започнал во Скопје

Првата офицерска должност ја добил токму во Скопје. Како потпоручник бил поставен за командант на митралески вод, а во текот на службата бил распореден и во Штип.

Во следните години напредувал низ командната структура на ЈНА и извршувал повеќе должности, меѓу кои и командант на бригада.

Во 1989 година повторно бил поставен во Скопје, овојпат како началник на Одделот за образование во Третата армиска област. На таа позиција останал до јуни 1991 година, кога бил назначен за помошник-командант за логистика во Приштинскиот корпус.

Со почетокот на војните при распадот на Југославија бил префрлен во Книн, каде командувал со Книнскиот корпус. Во октомври 1991 година бил унапреден во генерал-потполковник, а во април 1992 година бил назначен за началник на штабот на Командата на Втората армиска област во Сараево.

На чело на Војската на Република Српска

По повлекувањето на ЈНА од Босна и Херцеговина во мај 1992 година, Младиќ станал командант на Главниот штаб на Војската на Република Српска. На таа функција останал до 1996 година.

Како командант на ВРС, Младиќ имал централна воена улога во војната во Босна и Херцеговина, вклучувајќи ги операциите поврзани со повеќегодишната опсада на Сараево и настаните во Сребреница во јули 1995 година.

Токму Сребреница подоцна стана клучен дел од постапката против него во Хаг. Меѓународните судови утврдија дека таму бил извршен геноцид во кој биле убиени повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња.

Речиси 16 години беше во бегство

Првото обвинение против Младиќ пред Хашкиот трибунал било поднесено во 1995 година. По завршувањето на војната тој со години останал недостапен за меѓународното правосудство.

По речиси 16 години бегство, на 26 мај 2011 година бил уапсен во селото Лазарево кај Зрењанин, а неколку дена подоцна бил префрлен во Хаг.

Во ноември 2017 година Младиќ беше осуден на доживотен затвор, откако беше прогласен за виновен по 10 од 11 точки од обвинението. Правосилната пресуда беше потврдена во јуни 2021 година.

Младиќ беше правосилно осуден за геноцидот во Сребреница, прогон, истребување, убиства, депортација, присилно преместување, тероризирање на цивилното население во Сараево и земање припадници на ОН како заложници.

Неговиот животен пат така започна со офицерска служба во Скопје и Штип, продолжи до самиот врв на воената хиерархија во Босна и Херцеговина, а заврши со доживотна казна во Хаг.