По локалното невреме што синоќа зафати делови од Македонија, УХМР најавува дека и во текот на денешното попладне на одредени места ќе има услови за нестабилно време.
До крајот на денот времето претежно ќе биде сончево и топло, со мала до умерена локална облачност. Сепак, наместа се очекуваат услови за локална нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, додека максималните дневни температури ќе се движат од 29 до 36 степени.
Најмногу дожд од синоќешното невреме е измерен во Крива Паланка – 30 литри на квадратен метар. Во Струмица наврнале 18 литри, во Виница 13, Берово 8, Тополчани 6, Битола 3, а во Радовиш и Крушево по еден литар на квадратен метар.
Од УХМР нагласуваат дека поради локалниот карактер на невремето, количината на дожд може значително да се разликува од едно до друго место, па на одредени локации е можно да наврнало и многу повеќе од официјално измереното.
Во Скопје ќе преовладува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер, а максималната температура ќе достигне околу 36 степени.










