ПРВ.мк
Македонија

НОВИ УСЛОВИ ЗА МАКЕДОНСКАТА ПОЛИЦИЈА: Тошковски најави дополнителна опрема и обуки, објави и податоци за криминалитетот

НОВИ УСЛОВИ ЗА МАКЕДОНСКАТА ПОЛИЦИЈА: Тошковски најави дополнителна опрема и обуки, објави и податоци за криминалитетот

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска го пушти во употреба целосно реконструираниот објект на Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, во Полицискиот центар во Ѓорче Петров.

Станува збор за објект со површина од 488 квадратни метри, кој подолг период бил надвор од употреба поради оштетувања предизвикани од пожар. За неговата реконструкција се инвестирани околу осум милиони денари.

Во рамките на градежните активности обновени се кровот, фасадата, инсталациите и внатрешните простории, со што се обезбедени подобри услови за работа на полициските службеници.

За време на посетата, Тошковски присуствуваше и на специјализирана обука на припадниците на униформираната полиција за справување со нарушувања на јавниот ред и мир од поголем обем.

Министерот беше запознаен и со опремата наменета за специјалните полициски единици, чија набавка е во тек.

Тошковски нагласи дека инвестициите во инфраструктурата, современата опрема и професионалната обука се важни за зголемување на оперативната подготвеност на полицијата.

Особено внимание привлекоа и податоците што ги соопшти за состојбата со криминалитетот.

Според Тошковски, Македонија бележи најниско ниво на криминалитет во последните 20 години, додека ефикасноста во откривањето на кривичните дела и сторителите изнесува 70,3 проценти.

Министерот порача дека МВР ќе продолжи со вложувања во полициските капацитети, подобрување на работните услови и стручно усовршување на кадарот.

Целта, како што истакна, е создавање модерна, професионална и ефикасна полиција, со поголема безбедност за сите граѓани.