Смртта на Владимир Путин во 2027 година, политички пресврт во Москва и руска воена инвазија врз Естонија три години подоцна – ова е дел од хипотетичкото сценарио за можен конфликт меѓу Русија и НАТО, разработено од американскиот истражувачки центар РАНД.
Во анализата „Подготвени за војна во 2030 година“, објавена на 10 ноември 2026 година, експертите разгледуваат како би можела да изгледа Европа доколку не успее одвраќањето на Русија од воена агресија.
Според замисленото сценарио, Путин умира од природна смрт во јануари 2027 година, по што започнува борба за власт во Кремљ. Нов претседател станува поранешен генерал на руската Федерална служба за безбедност.
Русија постигнува примирје во Украина, но трајно мировно решение не се наоѓа. Москва започнува обнова на своите вооружени сили и засилува хибридни операции против европските држави.
Во мај 2030 година, според сценариото, руските сили влегуваат во естонскиот град Нарва, користејќи ги немирите и наводната загрозеност на руското население како оправдување.
НАТО одговара со активирање на членот 5, според кој вооружен напад врз една членка се смета за напад врз сите.
Конфликтот потоа се проширува низ северна Европа, со кибернетички напади, саботажи, прекини во снабдувањето со електрична енергија и удари врз воената инфраструктура.
По неколкумесечни борби, Москва прогласува успех и предлага прекин на огнот, иако нема одлучувачка воена победа.
Авторите нагласуваат дека ова не е предвидување на иднината, туку измислено сценарио за испитување на подготвеноста на НАТО и европските држави за евентуален голем воен конфликт.
Главната порака е дека современата војна не би се водела само на фронтот, туку би ги погодила и болниците, електраните, транспортот, комуникациите и секојдневниот живот на милиони граѓани.







