Жените во Авганистан сè потешко доаѓаат до неопходна медицинска помош поради неофицијалната, но строга забрана на талибанските власти машки лекари да прегледуваат и лекуваат пациентки. Оваа мерка ги доведува жените во апсурдни и животозагрозувачки ситуации, објавува авганистанскиот портал „Зан тајмс“, а пренесува британски „Гардијан“.
Според сведоштвата на пациентките и медицинскиот персонал, забраната веќе се спроведува во повеќе делови од земјата. Стоматолози сведочат дека талибанските безбедносни сили редовно обиколуваат приватни и јавни ординации и отворено им се закануваат на машките лекари дека ќе бидат уапсени доколку во чекалните или на стол за преглед затекнат жени.
Во поголемиот дел од провинциите, лекарите добиле директни инструкции да не прегледуваат жени, ниту пак да им пружаат итна медицинска помош, освен под строги и посебни услови – како што е задолжително присуство на машки член на семејството, односно старател (махрам), или задолжително ангажирање на медицинска сестра за време на прегледот.
Конкретен пример е 37-годишната Фарида од градот Херат во западен Авганистан, која не успеала да ја заврши започнатата стоматолошка терапија. Иако однапред ги платила услугите, по неколку посети ѝ било соопштено дека машките стоматолози повеќе не смеат да лекуваат жени и дека нејзиниот третман мора да биде прекинат.
Забрането е жените да се ословуваат по име, дури и на рецепти
Притисокот и изолацијата на жените дополнително се заострија по забраната за нивно школување на медицинските институти воведена во декември 2024 година, како и строгите ограничувања за вработување женски кадар во здравствените установи.
Во одредени региони се воведени и бизарни административни мерки. Во северната провинција Балк, на болниците и клиниките им е наложено жените воопшто да не ги ословуваат со нивните лични имиња, туку исклучиво со општата титула „биби“ (госпоѓа), дури и при пишувањето на официјалните медицински рецепти.
Патуваат стотици километри или се откажуваат од лекување
Лекарите алармираат дека им е забрането непосредно да ги прегледуваат пациентките, без разлика на сериозноста и итноста на нивната здравствена состојба. Поради ваквата блокада, жените се принудени или да патуваат стотици километри во потрага по лекар кој смее да ги прими, или целосно да се откажат од лекувањето.
Овие практики на терен се во директна спротивност со претходните ветувања на талибанските функционери. Имено, портпаролот на талибанското Министерство за комуникации, Хамдулах Номани, во февруари изјави дека машките лекари ќе се сметаат за „махрам“ (дозволен придружник) на своите пациентки за време на медицинскиот третман. Сепак, реалноста покажува дека жените во Авганистан се оставени на милост и немилост – принудени да бираат меѓу ризично барање помош, лекување кај недоволно квалификувани лица или живот со тешки, нелекувани болести.








