Државјанин на Србија (32) е уапсен во Виена под сомнение дека два дена ја држел заклучена во стан својата поранешна 45-годишна партнерка, при што брутално ја тепал и ја силувал, соопшти австриската полиција.
Како што пренесуваат локалните медиуми, жртвата по два дена голгота успеала да побегне од станот и веднаш го пријавила случајот во полициската станица во виенската општина Фаворитен. Според првичните информации, осомничениот преноќил во нејзиниот дом неколку дена пред да ја заклучи, малтретира и сексуално да ја злоставува.
Веднаш по пријавата, полицијата покренала опсежна потрага и набрзо го лоцирала и уапсила 32-годишниот српски државјанин во неговиот автомобил. При приведувањето, кај него било утврдено присуство на алкохол во крвта од околу 1 промил (0,1%), поради што веднаш му била одземена и возачката дозвола.
Против осомничениот е поднесена соодветна кривична пријава, а итно му се изречени и мерки за забрана за приближување до жртвата, како и привремена забрана за поседување и користење оружје.









