ПРВ.мк
Црна Хроника

ПЕТ МАЛОЛЕТНИЦИ ЌЕ ОДГОВАРААТ ЗА ПРЕТЕПУВАЊЕТО НА 13-ГОДИШНО МОМЧЕ ВО ВЛАЕ: Мајката сведочеше дека го „подавале како топка“!

ПЕТ МАЛОЛЕТНИЦИ ЌЕ ОДГОВАРААТ ЗА ПРЕТЕПУВАЊЕТО НА 13-ГОДИШНО МОМЧЕ ВО ВЛАЕ: Мајката сведочеше дека го „подавале како топка“!

Пет малолетници од Скопје ќе добијат кривична пријава поради сомнение дека учествувале во насилниот напад врз 13-годишно момче во скопската населба Влае. Станува збор за случајот кој предизвика големо внимание во јавноста по потресното сведоштво на мајката на детето, која раскажа дека нејзиниот син бил удиран и туркан од едно кон друго дете, како да е топка.

Од Министерството за внатрешни работи за „Скопје1“ потврдиле дека Секторот за внатрешни работи Скопје ќе поднесе кривична пријава против пет малолетни лица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“ според член 386 од Кривичниот законик.

Од полицијата посочуваат дека пријавата ќе биде поднесена откако целосно ќе биде документиран случајот.

Нападот, според сведоштвото на мајката, се случил на 18 октомври на плоштадот „Делфина“ во Влае. Нејзиниот 13-годишен син, како што раскажа таа, бил нападнат од група постари малолетници, по што дома се вратил со скршени заби, модринки, отоци и повреди на главата.

Мајката опишала дека првично едно од децата му пристапило на момчето со зборовите: „Е, овој може“, по што го турнало во круг и му удрило шлаканица. Кога детето се обидело да се оддалечи, се вклучиле и останатите.

Според нејзиното сведоштво, повеќе деца почнале да го удираат и да го туркаат едно кон друго, од едниот до другиот крај на групата.

„Почнале да си го подаваат како да е топка, да го фрлаат од еден крај на друг“, раскажала мајката за нападот.

Таа тврдела дека во инцидентот бил употребен и метален боксирач, а најголемиот дел од ударите биле насочени кон главата на нејзиниот син.

Особено загрижувачки е и фактот што момчето првично се обидело да ги сокрие повредите од своите родители. На мајка си ѝ кажало дека паднало во автобус, а вистината ја дознала дури по разговор со негов другар.

Според нејзиното сведоштво, детето било исплашено и не сакало да го пријави нападот во полиција, стравувајќи дека насилството ќе се повтори.

„Ако пријавиш, мамо, повторно ќе се случи истото“, ѝ рекло момчето.

Мајката зборувала и за психолошките последици од нападот, посочувајќи дека нејзиниот син се плашел повторно да излегува надвор.

Претходно, од МВР информираа дека на 18 октомври 39-годишна жена пријавила физички напад врз нејзиниот малолетен син од страна на група малолетници, при што бил употребен тврд предмет.

Со најновата информација, полицијата потврдува дека кривична пријава ќе биде поднесена против пет малолетници. Засега не се објавени детали за поединечната улога на секој од нив во нападот.

Најнови вести