Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се соочи со непријатен пречек за време на посетата на бугарскиот град Варна. Колоната возила во која се наоѓаше, а во која бил и бугарскиот премиер Румен Радев, беше гаѓана со јајца, овошје и зеленчук од демонстранти кои остро се противеа на нејзиното доаѓање во земјата.
Протестот се одржа пред Военопоморската академија „Никола Јонков Вапцаров“, а го организираа приврзаници на бугарската националистичка партија „Преродба“ (Вазраждане).
Учесниците на протестот извикуваа „Урсула, не си добредојдена!“ и „Варна сака мир, а не војна!“, барајќи од претседателката на Европската комисија веднаш да ја напушти Бугарија.
На транспарентите што ги носеа демонстрантите можеле да се прочитаат пораките „НАТО надвор“, „Сакаме нашите деца да живеат во мир“ и „Работа, а не војна“. Дел од паролите биле напишани и на англиски и на германски јазик.
Главната причина за незадоволството била политиката на Европската Унија кон војната во Украина. Демонстрантите ја обвинуваат Унијата дека со воената поддршка за Киев придонесува за зголемување на опасноста од поширок вооружен конфликт и сметаат дека Бугарија не треба да биде вовлечена во војна што не ја засега директно.
„Варна и цела Бугарија сакаат мир. Ова е мирен протест против посетата на Урсула фон дер Лајен, бидејќи таа стана амбасадор на војната“, изјавил еден од учесниците, пренесувајќи го ставот на демонстрантите бугарската национална телевизија БНТ.
Дел од присутните побарале Бугарија да остане неутрална во однос на конфликтот, додека други го изразиле своето незадоволство и од воведувањето на еврото. Тие барале земјата да ја задржи својата национална валута – бугарскиот лев.
Од друга страна, посетата на Фон дер Лајен на Варна била посветена на безбедноста во Црното Море и заштитата на поморските трговски патишта.
За време на разговорите со бугарскиот премиер Радев, претседателката на Европската комисија најавила европска финансиска поддршка во вкупна вредност од 60 милиони евра за поморската безбедност и спасувачките капацитети.
Од таа сума, 50 милиони евра се наменети за воспоставување заеднички центар за поморска безбедност на Бугарија и Романија, додека дополнителни 10 милиони евра ќе бидат издвоени за зајакнување на бугарските капацитети за пребарување и спасување на море.






