Повеќе од 40 милиони денари се вложени во текот на 2025 и 2026 година во Стоматолошкиот клинички центар „Св. Пантелејмон“, со што оваа здравствена установа доби нова современа опрема и значително подобрени услови за работа и лекување. Средствата се обезбедени со поддршка од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), како и преку домаќинско и одговорно раководење со клиниката.

Посебен акцент при посетата на установата беше ставен на целосно реновираната ординација за стоматолошки интервенции со општа анестезија. Овој оддел е наменет за најранливите категории граѓани од целата држава – деца и лица со попреченост, дечиња кои не можат да соработуваат при стандарден преглед, како и пациенти со силен страв од стоматолошки интервенции.
Од здравствените власти најавуваат дека следниот чекор е децентрализација на овие услуги, со цел ваквиот специјализиран третман да стане подостапен и поблиску до пациентите низ целата земја. Закажувањето термини во оваа ординација се врши на телефонскиот број 075 435 445, секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот.

Дополнителна поддршка за унапредување на условите во клиниката пристигна и од општествено одговорниот сектор. Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ и компанијата „Зегин“ донираа медицинска опрема во вредност од околу 800.000 денари, потврдувајќи дека соработката меѓу јавните установи, бизнис-заедницата и граѓанскиот сектор носи директна придобивка за секој пациент.






