И додека трошоците за живот постојано растат, се чини дека сè поскапо станува и обезбедувањето на последното почивалиште. На интернет се појавуваат десетици огласи во кои се нудат гробни места на продажба, а цените за некои од нив достигнуваат и до 4.000 евра.
Меѓу локациите за кои се објавуваат вакви понуди се и гробиштата во Бутел, но и други гробишта низ Македонија. Наместо да се пренесуваат само преку надлежните институции, правата за користење на гробните места, според огласите, се префрлаат со нотарски заверена изјава.
Така, местото што треба да претставува последно почивалиште станува предмет на огласување и препродажба, а заинтересираните купувачи можат да наидат на понуди со цени од неколку илјади евра.
Овој тренд отвора прашања за начинот на кој се пренесува правото на користење на гробните места, како и за условите под кои тие можат да се отстапуваат на други лица.





