Каснување од бездомно куче не значи само посета на лекар и санирање на повредата. По лекарската помош, следува и постапка во која треба да се утврди кое животно го предизвикало нападот и да се провери дали постои опасност од беснило.
Токму поради тоа, една скопјанка останала изненадена кога по каснувањето на нејзината ќерка, лекарот побарал да го пронајдат кучето што ја нападнало или, доколку е можно, да обезбедат негова фотографија.
„Ќерка ми ја касна улично куче и веднаш ја однесов на лекар. Но, по санирањето на повредата, од лекарот следуваше за нас необично барање. Требаше да го најдеме кучето што ја касна или да обезбедиме фотографија од кучето што ја нападнало за да може да се утврди за кое животно станува збор. Образложението од нивна страна беше дека фотографијата треба да се направи за да се знае како да продолжи постапката“, раскажува скопјанката.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за „Слободен печат“ објаснуваат дека ваквото барање е дел од законски пропишаната процедура. Според нив, каснувањето од куче или мачка не е само повреда што треба да се лекува, туку потребно е да се утврди и здравствената состојба на животното, особено поради можната опасност од беснило.
Од АХВ посочуваат дека граѓаните најпрво треба веднаш да побараат лекарска помош, но потоа мора да го пријават случајот и кај надлежните ветеринарни служби. Понатамошната постапка зависи од тоа дали животното има сопственик или станува збор за бездомно куче или мачка.
Што треба да направите ако ве касне куче или мачка со сопственик?
Доколку животното има познат сопственик, нападот треба веднаш телефонски да се пријави кај официјалниот ветеринар надлежен за општината во која се случило каснувањето.
Пријавата може да се поднесе и преку архивата на подрачната единица на Агенцијата за храна и ветеринарство, преку најблиската ветеринарна амбуланта или клиника, како и во полициска станица.
За случајот да може да биде соодветно обработен, потребно е да се достават неколку важни податоци и документи:
- Лични податоци и телефонски број за контакт.
- Медицинска документација од здравствената установа во која била санирана повредата.
- Точната локација на која се случило каснувањето.
- Детален опис на кучето или мачката што го предизвикале нападот.
- Фотографија од животното, доколку постои можност да се обезбеди.
Од АХВ нагласуваат дека доставените податоци и документацијата се важни за постапувањето. Пријавите што нема да ги содржат потребните информации може да бидат отфрлени како неосновани.
Откако ќе ја добие пријавата, надлежниот инспектор, односно официјалниот ветеринар, издава налог животното да биде ставено под официјален надзор.
Тоа подразбира дека кучето или мачката треба да бидат набљудувани од доктор по ветеринарна медицина во период од 15 дена. Во тој период се вршат три клинички прегледи со цел да се следи здравствената состојба на животното и да се утврди дали постои сомневање за беснило.
По завршувањето на набљудувањето, ветеринарот издава сертификат за надзор на беснило, со кој се потврдува здравствениот статус на животното во однос на оваа болест.
Што ако ве касне бездомно куче?
Кога станува збор за бездомно куче или мачка, постапката е поинаква, бидејќи не постои познат сопственик од кого може да се побараат податоци за животното.
Во таков случај, повредениот граѓанин треба да го пријави нападот во Секторот за инспекциски работи во општината каде што се случил инцидентот. Пријавата може да се поднесе и до надлежното прифатилиште за бездомни животни во општината.
И во оваа ситуација се потребни личните податоци на повредениот, медицинската документација, точната локација на нападот и што е можно попрецизен опис на животното. Фотографијата, доколку е достапна, може да помогне во неговото препознавање и пронаоѓање.
Овие информации се особено важни за прифатилиштето да може да го идентификува и залови кучето или мачката што го предизвикале нападот.
По заловувањето на животното, прифатилиштето го известува надлежниот официјален ветеринар, кој издава налог за негово 15-дневно набљудување. И во овој случај се предвидени три клинички прегледи, а по завршувањето на постапката се издава сертификат за надзор на беснило.
Доколку животното има ушна маркица или микрочип, преку овие ознаки може да се провери дали редовно било вакцинирано против беснило. Ако се утврди дека вакцинацијата е редовна, ветеринарот од прифатилиштето издава соодветна потврда, но набљудувањето на животното продолжува во прифатилиштето.
Од АХВ посочуваат и дека прифатилиштата може да имаат овластувања за постапување во повеќе општини, поради што граѓаните треба да проверат кое прифатилиште е надлежно за местото каде што се случило каснувањето.
Токму затоа, фотографијата или што попрецизниот опис на кучето не се само формалност, туку важен дел од постапката за идентификација на животното и проверка на ризикот од беснило.






