Миљан Видовиќ, попознат како Миљан Хофман, кој е осомничен за обид за изнуда, наводно уценувал познат белградски бизнисмен, претставувајќи се дека работи за озлогласениот „врачарски клан“. Според неофицијалните информации на српски „Блиц“, тој барал од бизнисменот и неговото семејство да му исплаќаат месечен рекет, заканувајќи се дека во спротивно ќе им бидат запалени рестораните и хотелите, а членовите на семејството ќе бидат полеани со киселина.
Видовиќ денеска беше сослушан во Првото основно јавно обвинителство во Белград по кривичната пријава за обид за изнуда, при што, според неофицијалните сознанија, тој ја негирал вината.
Како што дознава „Блиц“, инцидентот се случил на 6 ноември, кога Хофман дошол во локалот на познатиот бизнисмен во Белград и отворено му ги изнел своите барања.
„Бизнисменот поседува локали и хотели во Белград, но и во Република Српска. Хофман му рекол дека тој и неговото семејство се наоѓаат на списокот на луѓе кои на месечно ниво ќе мора да даваат пари за врачарскиот клан, а за возврат ќе уживаат заштита во работењето. Исто така, му нагласил дека сега работи за тој клан и дека само ги пренесува нивните пораки“, открива извор за „Блиц“.
Според информациите, осомничениот му порачал на бизнисменот дека мора да одлучи дали ќе плаќа, предупредувајќи го дека доколку одбие, ќе се соочи со сериозни последици.
„Како можни проблеми кои би им ги предизвикале, тој навел дека на бизнисменот ќе му ги запалат локалите, ќе фрлаат бомби, но и дека ќе ги полеат со киселина членовите на неговото семејство“, додава изворот.
По ова, Видовиќ наводно остварил телефонски повик и му го подал својот мобилен телефон на уценетиот бизнисмен за да разговара со, засега непознато лице од другата страна на линијата, кое му ги повторило истите закани што претходно му ги изрекол Хофман.
„На крајот, како што постои сомнение, осомничениот Видовиќ му рекол на оштетениот дека режимот досега му помагал и дека е ред тие сега да ѝ помогнат на новата власт, наведувајќи дека тој и кланот на кој му припаѓа, преку новата власт ќе можат да им завршуваат разни дозволи, зделки и други погодности“, заклучува соговорникот на „Блиц“.








