Сериозен кибернапад врз здравствен центар и аптека во швајцарскиот град Хур доведе до кражба на чувствителни лични и медицински податоци на пациенти и вработени.
Нападот се случил на 12 октомври, а биле погодени здравствениот центар „Глајс Д“ и аптеката „Меди Порта“, пренесува швајцарскиот јавен сервис SRF.
Според раководството на установата, нападот бил откриен откако компјутерските системи престанале да функционираат. Веднаш биле ангажирани ИТ-специјалисти и експерти за кибербезбедност, кои ги исклучиле погодените системи и започнале нивно обновување.
Сепак, напаѓачите успеале да украдат имиња, адреси, медицински рецепти, радиолошки снимки и лични информации на вработените.
Засега не е познато колку лица се погодени од инцидентот.
Од здравствениот центар нагласуваат дека главната електронска медицинска документација, која содржи дијагнози, податоци за заболувањата и спроведените третмани, останала заштитена бидејќи се чувала во посебен систем.
Одговорноста за нападот ја презела рансомвер-групата „Cloak“, која тврди дека украла дури 87 гигабајти податоци, вклучувајќи документи за идентификација и финансиски информации.
Овие тврдења засега не се независно потврдени.
Случајот е пријавен во полицијата и надлежните швајцарски институции за кибербезбедност и заштита на личните податоци.
Пациентите и вработените се предупредени да бидат внимателни со сомнителни телефонски повици и електронски пораки, бидејќи украдените информации би можеле да се злоупотребат за интернет-измами и кражба на идентитет.
И покрај нападот, здравствениот центар и аптеката продолжуваат со редовна работа, без прекин во медицинските услуги.







