По повеќечасовна потрага, денеска во 10:15 часот бил пронајден 62-годишниот планинар кој исчезна додека се движел во близина на селото Лениште, во општина Прилеп. Мажот бил пронајден во селото Кален, во Мариовскиот Регион.
Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), настанот се случил вчера попладне. Планинарот паднал и ја изгубил свеста, по што во 16:47 часот успеал да се јави на бројот за итни случаи 112, барајќи помош за да ја утврди точната локација на која се наоѓа. Во разговорот посочил дека е некаде помеѓу селото Лениште и манастирот над селото.
Веднаш по добиената пријава биле известени надлежните полициски служби, а полициска екипа излегла на терен и започнала потрага по исчезнатиот планинар.
Во дополнителен телефонски разговор, остварен во 17:10 часот, мажот информирал дека се движи кон селото Лениште, но предупредил дека батеријата на неговиот мобилен телефон е при крај.
И покрај преземените активности, до 18:30 часот планинарот сè уште не бил пронајден, а неговиот телефон веќе бил исклучен. Поради тоа, потрагата била интензивирана, при што биле вклучени дополнителни полициски службеници и екипа на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Прилеп.
Била проверена и неговата домашна адреса, при што било утврдено дека не се вратил дома.
Од ЦУК информираат дека во текот на целата акција континуирано ја координирале потрагата, како и комуникацијата меѓу надлежните институции и службите вклучени во теренските активности. Целта била навремено преземање на потребните мерки и што поефикасно спроведување на акцијата.
По повеќечасовното пребарување на теренот, утрово пристигнала добрата вест – 62-годишниот маж бил пронајден во селото Кален, во Мариовскиот Регион.
Веднаш по неговото пронаоѓање, екипа на граничната полиција се упатила на терен за безбедно да го преземе и да го донесе, соопштија од Центарот за управување со кризи.








