ПРВ.мк
Црна Хроника

ПО НЕКОЛКУДНЕВНО БЕГАЊЕ СЕ ПРЕДАДЕ 24-ГОДИШНИКОТ КОЈ ЈА ИСТЕПА ПАРТНЕРКАТА: Претходно избега од полициска станица преку прозорец!

ПО НЕКОЛКУДНЕВНО БЕГАЊЕ СЕ ПРЕДАДЕ 24-ГОДИШНИКОТ КОЈ ЈА ИСТЕПА ПАРТНЕРКАТА: Претходно избега од полициска станица преку прозорец!

Дваесет и четиригодишниот К.У., против кого беше поднесена кривична пријава за дела поврзани со семејно насилство, денеска доброволно се предал во Секторот за внатрешни работи Битола, по неколкудневно барање.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека полициските службеници, во координација со неговиот бранител и Основното јавно обвинителство Битола, презеле мерки и активности за да се овозможи негово доброволно предавање.

К.У. се предал денеска во 12 часот, по што бил лишен од слобода. Со него во моментов се врши службен разговор од страна на инспектори од криминалистичката полиција при СВР Битола.

Против него на 11 ноември 2026 година била поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „Загрозување при семејно насилство“, според член 144 став 3, и „Телесна повреда при семејно насилство“, според член 130 став 2 од Кривичниот законик.

Од полицијата посочуваат дека продолжуваат со преземање дополнителни мерки и активности, во координација со надлежното Основно јавно обвинителство Битола.

Случајот бил пријавен на 10 ноември 2026 година, кога во 23:10 часот во СВР Битола 21-годишна жителка на градот пријавила дека околу 17 часот била физички нападната од својот партнер К.У.

Според нејзината пријава, партнерот подолг временски период физички и психички ја малтретирал, како и дека ѝ упатувал закани.

Во моментот кога жената го пријавила случајот, во полициската станица доброволно пристигнал и К.У., придружуван од еден од неговите родители. Меѓутоа, додека полициските службеници преземале службени дејствија со цел да го лишат од слобода, тој успеал да избега од просторијата за развод преку отворен прозорец.

По неколкудневното барање, денеска се предал во полиција, каде што сега се преземаат понатамошни службени постапки.