ПРВ.мк
Балкан

„УБИЈ ГО БОЛЕСНИКОТ“: Во Загреб осамнаа застрашувачки графити по смртта на Периш што го потресе регионот

„УБИЈ ГО БОЛЕСНИКОТ“: Во Загреб осамнаа застрашувачки графити по смртта на Периш што го потресе регионот

„Убиј болесника“ е графитот што осамна на белата заштитна ограда пред Музејот за уметност и занаетчиство во Загреб.

Графитот е испишан со црна боја, а хрватскиот портал „Индекс“ пишува дека не е познато кога настанало ова пишано дело и дали е поврзано со неодамнешната смрт на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш, која ја потресе јавноста во Хрватска и во целиот регион.

Музејот за уметност и занаетчиство се наоѓа на најголемиот загребачки Плоштад на Републиката, поранешен Плоштад на маршал Тито.

Според „Tportal.hr“, утрово во Загреб се појавил уште еден графит. Покрај „убиј болесника“, има и втор кој гласи „сите се паметни кога ќе се случи“, наведува порталот.

Периш почина на 21 октомври на Клиниката за психијатрија „Свети Иван“ на загребачки Јанкомир, а видеото што протече во јавноста десетина дена по неговата смрт укажува дека станува збор за насилна смрт. Поради сомнение за тешко убиство, на четворица медицински техничари им е одреден истражен затвор, а смртта на Периш отвори сериозни прашања за можните пропусти во постапувањето кон пациентот и одговорноста на раководството на Клиниката.