Мажот осомничен за нападот врз 26-годишната девојка во Охрид имал 1,29 промили алкохол во крвта, покажале резултатите од алкотестирањето. Ова денеска го соопшти портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, кој информираше за полициските активности преземени за целосно расчистување на случајот.
„Извршено е алкотестирање на можниот сторител, поточно на лицето против кое е поднесена кривичната пријава. Кај него се констатирани 1,29 промили алкохол во крвта, по што и по овој основ против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, изјави Димоски.
Тој појасни дека полицијата веднаш по добивањето на пријавата започнала со преземање оперативни мерки. За расчистување на случајот бил формиран и посебен тим составен од полициски службеници од униформираниот состав и од криминалистичката полиција.
На 15 ноември, во 00:05 часот, 31-годишниот охриѓанец бил пронајден и лишен од слобода, по што бил задржан како можен сторител на кривичното дело „Тешка телесна повреда“.
Меѓутоа, случајот добил и дополнителна димензија. Истиот ден, во 00:58 часот, во СВР Охрид била пријавена закана упатена преку мобилен телефон од страна на член на семејството на 31-годишниот осомничен.
Постапувајќи по оваа пријава, полициските службеници пронашле и лишиле од слобода 49-годишен жител на охридско село. Според сомненијата, тој упатувал закани кон семејството на осомничениот за нападот, а станува збор за член на семејството на нападнатата девојка. Против него денеска е поднесена кривична пријава за кривичното дело „Загрозување на сигурноста“.
Димоски информираше дека во координација со јавен обвинител биле спроведени разговори со оштетената девојка, осомничениот, како и со други лица кои би можеле да имаат сознанија за настанот.
Во рамките на истрагата биле прегледани и снимките од безбедносните камери, со цел да се утврдат сите околности што му претходеле на нападот, како и настаните што следувале потоа.
Портпаролот потврди и дека возилото од марката БМВ, кое е поврзано со случајот, било одземено.
„Возилото е одземено. Кривичната пријава што е поднесена се однесува на сомнение за сторено кривично дело ‘Тешка телесна повреда’, а по дополнително преземените мерки ќе бидат поднесени и други пријави по други основи“, изјави Димоски.
Осврнувајќи се на одлуката осомничениот да се брани од слобода со изречени мерки на претпазливост, Димоски посочи дека не сака да ги коментира одлуките на правосудните органи.
Тој нагласи дека полициските активности продолжуваат и по поднесувањето на кривичната пријава, со цел да се утврдат целосно сите околности и детали поврзани со нападот во Охрид.






