Во Кавадарци започна изградбата на новиот Младински културен центар, современ и функционален простор што ќе им овозможи на младите сопствено катче за творење, едукација и дружење.

Новиот младински центар ќе биде сместен на второто ниво од новиот деловно-трговски комплекс во градот. Ќе се простира на површина од околу 800 квадратни метри и ќе располага со сопствен, посебен влез, што на објектот ќе му даде препознатлив идентитет за младинско дејствување.

Според најавите, просторот е дизајниран да одговори на потребите на младата популација и ќе биде наменет за организирање културни и едукативни активности, креативни работилници, изложби, предавања, разни настани, како и за реализација на младински идеи и иницијативи.
Инаку, целиот нов деловно-трговски комплекс ќе зафаќа површина од околу 6.000 квадратни метри. За посетителите и корисниците ќе бидат обезбедени 25 паркинг места во рамки на комплексот, како и дополнителни околу 40 паркинг места пред самиот објект. Целокупната инвестиција и изведба на овој капитален зафат се реализираат од страна на компанијата „Five Star Building“.
Со реализацијата на овој проект, младите од Кавадарци добиваат современи услови каде што ќе можат да ги развиваат своите таленти, да разменуваат искуства и активно да учествуваат во креирањето на културниот и општествениот живот во градот.







