Шеесет и двегодишен жител на Гостивар завршил во полициска станица откако предизвикал сообраќајна незгода додека управувал автомобил без возачка дозвола и под дејство на алкохол. При проверката било утврдено дека имал дури 1,53 промили алкохол во крвта.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 16 ноември, во 00:40 часот, на улицата „Илинденска“ во Гостивар, полициски службеници го лишиле од слобода Р.М. (62).
При извршениот увид на сообраќајната незгода, во која учествувал со автомобил „опел корса“, било утврдено дека тој управувал со возилото без да поседува возачка дозвола.
Дополнително, алкотестирањето покажало дека возел под дејство на алкохол, со измерени 1,53 промили во крвта.
Полицијата го одзела автомобилот, а 62-годишникот бил задржан во полициска станица.
Од МВР соопштуваат дека по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава.







