ПРВ.мк
Балкан

СРПСКА ПЕСНА ЗА КОСОВО ПРЕДИЗВИКА РЕАКЦИИ ВО БРИСЕЛ: Марта Кос се огласи, Приштина бара одговори!

СРПСКА ПЕСНА ЗА КОСОВО ПРЕДИЗВИКА РЕАКЦИИ ВО БРИСЕЛ: Марта Кос се огласи, Приштина бара одговори!

Српската песна „Ој Косово, Косово“ предизвика дипломатски реакции на отворањето на Форумот за проширување на Европската Унија во Брисел. Европската комесарка за проширување, Марта Кос, изрази жалење поради изборот на композицијата, додека претставниците на Приштина побараа објаснување од Европската комисија за тоа кој одлучил токму таа песна да биде изведена.

Композицијата, која потекнува од 1989 година, била отсвирена инструментално, без текст, за време на концертот „Мелодии на единство: Хармонии од европскиот крстопат“. На големиот екран зад музичарите бил прикажан натписот „Sa Kosova zora sviće“, заедно со ознаката „Kosovo“.

Песната била избрана како музичко претставување на Косово, што предизвикало незадоволство кај косовските претставници. Изведбата била на словенечкиот музички состав „Капобанда“ (Kapobanda).

На музичкиот настан учествувале изведувачи од Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.

Марта Кос, која е домаќин на Форумот, јавно изрази жалење за изборот на композицијата, нагласувајќи дека нејзиното изведување не ги претставува ставовите на Европската комисија.

Во разговор со новинарите во Брисел, таа посочи дека Европската комисија е свесна за жртвите и страдањата што ги претрпеле народите од поранешна Југославија.

Според Кос, помирувањето не подразбира заборавање на минатото или на разликите меѓу народите, туку изградба на Европа во која тие нема да претставуваат пречка за заедничка иднина.

Приштина бара итно објаснување од Европската комисија

На изведбата остро реагираше и амбасадорот на Косово во Белгија, Агрон Бајрами, кој оцени дека песната испраќа пораки поврзани со територијални претензии кон Косово.

„Ова не е културна размена. Песната изнесува експлицитни политички претензии кон територијата на Република Косово“, напиша Бајрами на социјалната мрежа „Икс“.

Тој посочи дека композиција со таква содржина не треба да биде дел од настан чија цел е промовирање на европското единство и добрососедските односи.

„Република Косово очекува итно разјаснување од Европската комисија и комесарката Кос за тоа како е избран и одобрен овој репертоар“, порача косовскиот амбасадор.

Свој став изнесе и Јетон Зулфај, претставник на Приштина во преговарачкиот процес, кој изведувањето на песната го оцени како „неприфатливо и скандалозно“.

Најнови вести