ПРВ.мк
Свет

ПОЛИЦИЈАТА ПРИВЕДЕ ТРОЈЦА ТИНЕЈЏЕРИ: Осомничени дека подготвувале терористички напад и биле поврзани со неонацистичко движење!

ПОЛИЦИЈАТА ПРИВЕДЕ ТРОЈЦА ТИНЕЈЏЕРИ: Осомничени дека подготвувале терористички напад и биле поврзани со неонацистичко движење!

Полските безбедносни служби привеле тројца малолетници под сомнение дека подготвувале терористички напад и имале врски со меѓународно неонацистичко движење. Станува збор за едно 16-годишно момче и двајца 17-годишници, информираше Томаш Сјемонијак, министер задолжен за работата на специјалните служби во Полска.

Според досегашните сознанија на истражителите, двајцата 17-годишници преку апликации за комуникација разменувале информации и упатства за изработка на домашни експлозивни направи, импровизирано огнено оружје и пиротехнички средства. Властите се сомневаат дека овие средства планирале да ги искористат за извршување напад.

При претресот на просториите што ги користел еден од осомничените, припадниците на полската Агенција за внатрешна безбедност (АБВ) пронашле и заплениле хемикалии кои можат да се користат за изработка на експлозивни средства.

По приведувањето, судот одредил притвор за двајцата 17-годишници, додека 16-годишникот бил упатен во воспитна установа за малолетници.

Апсењата следуваат по нападот во Краков

Приведувањата се случуваат по нападот што претходно во ноември се случил во Краков, кога вооружен маж на главниот градски плоштад усмртил шест лица.

По тој настан, полската влада изнела процена дека напаѓачот можеби бил мотивиран од крајнодесничарска идеологија. Таквата оценка била отфрлена од националистичката опозиција.

Истрагата за случајот со тројцата малолетници ја води Регионалното обвинителство во Гдањск. Обвинителите се обидуваат да го утврдат идентитетот на други лица кои можеби биле поврзани со групата, како и да го разјаснат целосниот обем на активностите што наводно биле планирани.

Засега не бил остварен контакт со правните застапници на осомничените. Сите тројца се предмет на истрага за нивната наводна вмешаност во подготовка на терористички напад.

Најнови вести