ПРВ.мк
Свет

НАЈДОЛГИОТ ПРЕКИН НА АВИО-СООБРАЌАЈОТ ОД 2001 ГОДИНА: Хаосот на небото ја парализираше земјата!

НАЈДОЛГИОТ ПРЕКИН НА АВИО-СООБРАЌАЈОТ ОД 2001 ГОДИНА: Хаосот на небото ја парализираше земјата!

Американскиот министер за транспорт, Шон Дафи, изјави дека се очекува ситуацијата со авио-сообраќајот во таа земја денеска да се нормализира, откако во неделата беа откажани или доцнеа повеќе од 11.500 летови, поради нарушувањата во сообраќајот кои траат од петокот.

Според податоците на веб-страницата „FlightAware“, до синоќа за денеска биле откажани само 88 летови, пренесува Ројтерс.

Дафи за телевизијата ABC изјави дека нема докази за сајбер напад или друг вид злонамерно дејствување, но дека причината за инцидентот останува нејасна. Тој оцени дека авио-сообраќајот денеска „веројатно целосно ќе се нормализира“.

Американската Сојузна управа за авијација (FAA) во петокот, на 13 ноември, наложи прекин на сите полетувања на територијата на целата земја, со што беа запрени речиси сите летови во траење од скоро пет часа.

Најдолг прекин на воздушниот сообраќај во САД од 2001 година

Тоа беше најдолгиот прекин на воздушниот сообраќај во САД уште од нападите на Ал Каеда врз Соединетите Американски Држави на 11 септември 2001 година. Според зборовите на официјалните лица, до проблемот дошло кога компанијата „L3Harris“, партнер по договор со FAA, инсталирала најмалку еден нов рутер во оддалечен објект, што довело до преоптоварување на другите центри за контрола на летање поради наглиот прилив на податоци и го оневозможило нормалното функционирање на комуникациските системи.

Дафи изјави дека замената на рутерот во објектот на FAA во Ел Дорадо, во американската сојузна држава Арканзас, предизвикала тешкотии со друг рутер, кој неодамна бил заменет во Амарило во Тексас, а кој почнал да емитува податоци и да ги преоптоварува рутерите во другите центри за контрола на летање низ земјата.

Според неговите зборови, FAA сè уште не утврдила што точно го предизвикало проблемот за време на работите за одржување, што се активности кои претходно биле извршувани илјадници пати без никакви тешкотии.

„Работникот што го инсталираше рутерот е, колку што знаеме, добар американски патриот и е искусен, така што не веруваме дека некој се обидел да ја саботира мрежата за време на самата инсталација. Сепак, сè уште немаме сознанија за тоа која била основната причина за проблемот“, рече Дафи.

Проблемите почнале по успешната замена на рутерот

Две лица кои се запознаени со текот на истрагата наведоа дека самата инсталација на рутерот поминала без проблеми, а дека тешкотиите со комуникацискиот систем на FAA се појавиле дури откако замената на рутерот била успешно завршена, под надзор на вработен во оваа агенција.

Од FAA вчера соопштија дека „функционалноста на спорните рутери“ е оневозможена, како и дека истата постапка ја примениле и на околу 60 слични рутери во системот за контрола на летање.

Според податоците на страницата „FlightAware“, која го следи авио-сообраќајот, вчера ширум Соединетите Американски Држави биле откажани околу 2.100 летови, додека 9.400 летови доцнеле, пренесува Ројтерс.

Во саботата, на 14 ноември, авиокомпаниите во САД откажаа речиси 6.700 летови, а повеќе од 9.100 доцнеа. Беа откажани околу 28 отсто од летовите на компанијата „Џет блу“ (JetBlue) и 20 отсто од летовите на компанијата „Американ ерлајнс“ (American Airlines), додека „Јунајтед ерлајнс“ (United Airlines), „Саутвест“ (Southwest) и „Делта“ (Delta) пријавија откажување меѓу три и пет отсто од своите летови.