Народната банка започна постапка за продажба на доминантниот акционерски пакет во Алта банка АД Битола, со цел да се најде нов сопственик и да се создадат услови за стабилно продолжување на работењето на банката.
Станува збор за вкупно 372.742 обични акции, односно 95,336 проценти од сите акции на банката. Тие се во сопственост на Алта банка АД Белград, која се наоѓа во стечај.
Како што информираат од Народната банка, продажбата ќе се реализира преку Македонската берза на хартии од вредност, според моделот „сè или ништо“. Тоа значи дека заинтересираните инвеститори ќе можат да го купат само целиот понуден пакет, без можност за стекнување со дел од акциите.
Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември 2026 година, а почетната цена е утврдена на 3.777 денари за една акција. Цената е формирана врз основа на актуелната берзанска вредност.
Ако нема купувач, следуваат нови аукции со пониски цени
Од Народната банка посочуваат дека доколку акциите не бидат продадени на првата аукција, ќе бидат организирани нови наддавања на 1, 2, 3, 4 и 7 декември 2026 година.
При секоја следна аукција почетната цена ќе биде намалена за 10 проценти во однос на почетната цена од претходното наддавање.
„Доколку акциите не бидат продадени на првата аукција, следните аукции ќе се одржуваат последователно, на 1, 2, 3, 4 и на 7 декември 2026 година. На секоја наредна аукција почетната цена ќе биде намалена за 10 отсто во однос на почетната цена на претходната аукција“, соопштуваат од Народната банка.
Инвеститорите имаат рок до 19 ноември
Заинтересираните инвеститори кои сакаат да учествуваат во постапката ќе треба најдоцна до 19 ноември 2026 година да достават барање до Народната банка за добивање претходна согласност за стекнување квалификувано учество во банката.
Покрај барањето, потребно е да достават и писмена изјава со која ќе потврдат дека ќе ги обезбедат и уплатат средствата потребни за купување на акциите.
Право на учество на берзанските аукции ќе имаат само лицата кои ги исполнуваат законски предвидените услови.
Од Народната банка нагласуваат дека продажбата е дел од пошироките активности за обезбедување нов сопственик на Алта банка, со што треба да се создадат предуслови за нејзино натамошно работење. Воедно, целта е да се зачуваат интересите на штедачите и останатите клиенти на банката.








