Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 31-годишниот охриѓанец осомничен дека физички ја нападнал својата 26-годишна девојка и ѝ нанел тешки телесни повреди. По барање на Основното јавно обвинителство, Основниот суд во Охрид му изрекол мерки на претпазливост.
Случајот се случил во неделата, на 15 ноември 2026 година, околу 02:00 часот. Според информациите од МВР, претходно меѓу двајцата имало расправија која започнала во домот на осомничениот, а продолжила и во неговиот автомобил.
Во возилото, 31-годишникот физички ја нападнал девојката. Откако го запрел автомобилот, нападот продолжил, при што младата жена изгубила свест и паднала. Таа најпрво била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа била упатена во болницата „Св. Еразмо“, каде што лекарите ѝ констатирале тешки телесни повреди.
Од МВР информираат дека веднаш биле преземени мерки, па осомничениот бил пронајден и лишен од слобода во 05:05 часот. Тој бил задржан во полициска станица.
СВР Охрид поднело кривична пријава против К.К. (31) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“, предвидено во член 131 став 3 од Кривичниот законик. По барање на ОЈО, судот му одредил мерки на претпазливост.
Приведен и таткото на девојката по пријава за закани
Во полициското соопштение се наведува и дека истиот ден бил пријавен уште еден инцидент поврзан со случајот.
Во 08:50 часот во СВР Охрид, Љ.К. (51), мајката на осомничениот, пријавила дека Љ.Ѓ. (49), таткото на нападнатата девојка, преку мобилен телефон упатувал закани кон нејзиниот син и целото семејство.
По пријавата, на 15 ноември во 13:20 часот во Охрид бил лишен од слобода и таткото на девојката, кој исто така бил задржан во полициска станица. Од МВР информираат дека против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Случајот предизвика бројни реакции во јавноста, а граѓани на социјалните мрежи изразија згрозеност од насилството и побараа одговорност и соодветна заштита за нападнатата девојка.






