ПРВ.мк
Црна Хроника

(ФОТО) ТЕШКА СООБРАЌАЈНА НЕСРЕЌА: Меѓу загинатите е и 42-годишна докторка од Македонија - колегите се простуваат од неа!

(ФОТО) ТЕШКА СООБРАЌАЈНА НЕСРЕЌА: Меѓу загинатите е  и 42-годишна докторка од Македонија - колегите се простуваат од неа!

42-годишната докторка Малтина Ферати од Тетово е една од двете лица кои го загубија животот во тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 ноември во Албанија, во близина на тунелот Муриз, кај местото Џибер. Во несреќата повредени биле уште пет лица, кои биле пренесени во болница за да им биде укажана медицинска помош.

Според информациите објавени од албанската полиција, сообраќајната несреќа се случила околу 10:15 часот. Од засега неутврдени причини дошло до директен судир меѓу два патнички автомобили, при што две лица починале на местото на несреќата.

Покрај докторката Ферати, животот го загубил и 42-годишниот Бледијан Османи, кој управувал со едното од возилата. Малтина Ферати се наоѓала на совозачкото место во автомобил управуван од 45-годишниот А.Ф.

Останатите пет лица кои учествувале во несреќата се здобиле со повреди и биле пренесени во болница, каде што им била укажана потребната медицинска помош.

Веста за смртта на докторката предизвика тага и меѓу нејзините колеги од Клиничката болница во Тетово, од каде што упатија проштална порака и сочувство до нејзиното семејство, пријателите и сите што ја познавале.

Во објавата, колегите истакнуваат дека д-р Малтина Ферати била важен дел од болничкиот колектив и дека во текот на својата работа се истакнувала со професионалност, посветеност и голема одговорност кон пациентите.

Таа ја извршувала функцијата раководител на Лабораторијата во Клиничката болница, каде што преку својата стручност и ангажман дала значаен придонес во секојдневното функционирање на установата.

Од болницата велат дека ќе ја паметат не само по нејзината професионална работа, туку и по човечките квалитети. Нејзините колеги ја опишуваат како личност со позитивна енергија, секогаш присутна насмевка, добрина и подготвеност да им помогне на луѓето околу себе.

„Нејзиното прерано заминување остава голема празнина меѓу нас. Нејзиниот професионален придонес и убавите спомени што ги остави зад себе засекогаш ќе останат дел од историјата на нашата институција“, наведуваат од Клиничката болница во Тетово во прошталната порака.

На крајот, од установата упатија најискрено сочувство до семејството, блиските, пријателите и сите кои ја познавале и почитувале д-р Малтина Ферати.