На 89-годишна возраст почина професорот Никола Петров, поранешен декан на Педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ и еден од основоположниците на македонската предучилишна педагогија.
Петров остави значаен белег во развојот на македонското образование, педагошката наука и литературата за деца. Неговата работа придонесе за создавање и развој на списанија со кои израснаа бројни генерации деца во Македонија.
Роден е во 1937 година во Колешино, во Струмичко. По завршувањето на Учителската школа, во 1959 година дипломирал педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје. Потоа специјалистичките студии ги продолжил и завршил во Русија, додека докторската дисертација ја одбранил во Белград.
Во текот на својата долгогодишна академска кариера, Никола Петров извршувал повеќе значајни функции. Бил раководител на Институтот за педагогија, а подоцна и декан на Педагошкиот факултет во Скопје. Имал една од клучните улоги во развојот и афирмацијата на Педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски“, кој функционира во рамките на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ).
Неговиот придонес бил особено значаен и во македонското издаваштво, како и во создавањето и унапредувањето на литературата наменета за најмладите. Како долгогодишен соработник на издавачката куќа „Просветно дело“ и главен уредник на истоименото педагошко научно-стручно списание, Петров учествувал во развојот на детското и образовното издаваштво во земјава.
Тој е основоположник на култното списание „Росица“, наменето за деца од предучилишна возраст, како и на училишните списанија „Другарче“, „Развигор“ и „Наш свет“. Токму преку овие изданија, кои со години беа дел од детството на многу ученици, неговото дело допре до бројни генерации низ Македонија.
За својата долгогодишна работа, научен опус и исклучителен придонес во образованието и науката, професорот Никола Петров добил повеќе од највисоките државни и општествени признанија. Меѓу нив се наградите „11 Октомври“, „13 Ноември“ и „Свети Климент Охридски“.
Со неговата смрт македонската педагошка наука и образовна заедница губат истакнат професор и творец чие дело остави трајна трага во образованието и детската литература.









