По повеќе од 15 години запуштеност, негрижа и стоење надвор од употреба, базенот во Полициската академија во Идризово е целосно реновиран и повторно ставен во функција на македонската полиција.
Со инвестиција од околу 5,7 милиони денари, објектот е обновен за неполни три месеци. За време на денешната посета на Академијата, во базенот веќе се вршеше проверка на пливачките способности на кандидатите за прием во Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
Обновениот базен ќе служи за:
- Базична обука на идните полициски службеници
- Специјализирани тренинзи на полициските единици
- Спасувачки вежби и одржување на физичката подготвеност
Инаку, овој објект има и културно-историско значење — токму во овој базен во 1977 година се снимале сцени од култниот македонски филм „Исправи се, Делфина“, инспириран од подвигот на маратонската пливачка Атина Бојаџи.
Реконструкцијата на базенот е дел од поширокиот циклус за модернизација и зајакнување на капацитетите на Министерството за внатрешни работи. Во изминатиот период е обновен комплексот на Полициската академија, повторно е вратено Средното полициско училиште, набавени се нови полициски возила, а најавено е и скорешно пристигнување на новите, ребрендирани полициски униформи.
Вложувањето во знаењето, физичката подготвеност и професионалниот развој на полициските службеници останува клучен приоритет за градење посилна и побезбедна држава.







