ПРВ.мк
Свет

3 МЕСЕЦИ ЛУТАЛЕ ВО ЧАМЕЦ ДОЛГ 6 МЕТРИ: Спасени петмина луѓе во океанот, меѓу нив и две деца!

3 МЕСЕЦИ ЛУТАЛЕ ВО ЧАМЕЦ ДОЛГ 6 МЕТРИ: Спасени петмина луѓе во океанот, меѓу нив и две деца!

Пет лица, вклучувајќи и две деца, се спасени во островската држава Кирибати во јужниот Пацифик, откако три месеци плутале по морето во чамец долг околу шест метри, соопштија властите.

Уште четири лица се водат како исчезнати, пренесе денеска Асошиејтед прес (АП).

Мештаните ја спасиле оваа група во близина на островот Фанинг во Кирибати, откако преминале околу 5.400 километри плутајќи источно од Сојузните Држави Микронезија.

Исчезнале на 30 јули

Американската крајбрежна стража на Гвам потврди дека чамецот со девет лица бил пријавен како исчезнат откако на 30 јули не се вратил на островот Руо во Микронезија.

Следеше десетдневна потрага која опфати 85.700 квадратни километри, но за време на неа не беа пронајдени никакви траги од исчезнатото пловило ниту од луѓето кои биле во него, се наведува во соопштението.

„Неверојатни и прекрасни вести! Овие пет луѓе се пронајдени и сега ја добиваат потребната нега. Упатуваме искрено сочувство до семејствата и пријателите на оние кои не пристигнаа заедно со нив“, наведе Американската крајбрежна стража во е-пошта упатена до АП.

На прашањето од новинарот на АП што се случило со четворицата исчезнати, од Американската крајбрежна стража одговорија дека продолжуваат со собирање и проверка на информациите, те дека ќе одговорат штом ќе имаат повеќе детали.

Пронајдени тешко дехидрирани и недохранети

Медицинската сестра Паукин Тороро изјави за австралискиот АБЦ (ABC) дека сите петмина преживеани биле тешко дехидрирани и недохранети.

На сите им е вклучена инфузија и покажуваат знаци на закрепнување.

— Можат да се насмевнат, покажуваат дека сакаат да јадат — рекла таа за АБЦ.

Преживеаните сè уште јавно не зборувале за својата тешка авантура и побарале приватност, пренесе австралискиот медиум.

Александер Нарун, гувернер на државата Чук во Микронезија, соопшти во неделата дека започнал разговори со владата на Кирибати за преживеаните да се вратат дома.

— На бродот што исчезна се наоѓаа деветмина луѓе. Фала му на Бога за Неговата љубов и милост што петмина од нив деветмина се пронајдени. Продолжуваме да се молиме за нивните четири сопатници — рече Нарун.

Како што пренесува АБЦ, деветмината биле на едночасовно патување меѓу островите Мурило и Руо кога ги зафатила бура.